Снежна ноќ
Се разбудив од силниот ветер што удираше по прозорците. Невозможно е да спиете мирно од таквото фучење. Тој Северко наликува на еден немирен тинејџер којшто со својата незапирлива енергија, постојано нешто прави и сака постојано да е присутен насекаде.
Додека чајот од Мајчина душичка тивко се подготвува, низ просторијата се шири благопријатен мирис што ги опушта сетилата. Надвор низ прозорецот глетката е исполнета со сивите бои на планината којашто е во исчекување на снежната покривка. Оваа зима се чини како планината да е тажна. Недостасува таа белина. Таа беспрекорна убавина.
Откако завршив со доручекот, се препуштив на секојдневните задачи. Во вакви ветровити денови помешани со ситен но и помалку силен дожд, се чини како да е потешко да се соочите со вообичаениот градски метеж. А таму?? Вистинска врвулица од народ. Ве пресретнуваат сериозните лица на чичковци чиишто веѓи се свиени надолу и оставаат впечаток како да небаре нешто ви се лути; па тука се и загрижените лица на повозрасни дами коишто со последни сили ги задржуваат угледните шапки врз нивните глави...па честиот и предупредувачки звук на сирените од автомобилите на нестрпливите возачи...Еееххх! Ете тоа да ми ти било градски живот.
Како што одминуваа часовите, некаде после пладне, ситните капки дожд полека почнаа да го менуваат својот изглед. Чиниш засветкуваат со еден препознатлив сјај. Тоа е истиот оној сјај на којшто се радувам секоја зима. Сметајќи од времето кога веројатно станав свесен за постоењето на ова небесно чудо, па се до сегашниот момент. И слушаш како тие околу тебе со извици на восхит, извикуваат:
-Снег е!
-Еее, па конечно и кај нас!
-Ако продолжи вака ситно да паѓа и ноќеска, до сабајле има едно метро да го напрај!
И така, секој на свој начин-со свои зборови, ја пречекува оваа промена. Снегулките што од раните утрински часови ги беа покриле планинските превои, сега зацаруваа и во градовите и селата.
Веќе до самото приквечерие, улиците, патчињата, дрвата, ритчињата и планините се променија во единственото бело руво. Таа убавина одново ја измами мојата љубопитност и за кратко веќе бев надвор во друштво на мојот сакан татко. Тргнавме заедно. Од Нова Битола, преку главната улица којашто беше исполнета со радосните лица на децата но и на возрасните, надолу по главниот булевар што се наоѓа покрај речното градско корито. Од тука преку градскиот парк кај Саат Кулата, се прошетавме по Широк Сокак, и откако минавме по лизгавите плочки, продолживме нагоре покрај патеката од старата касарна.
Додека снегот сеуште паѓаше и скокотливо продираше низ моите трепки, почувствував пријатна благодет. Среќен што можам одново да и се радувам на оваа убавина! За мене снегот е чистота. Симбол на Божјата милост и дар за луѓето и природата. Мир за срцето и најдобра слика за окото. Детска игра и симбол на мир и радост.
И додека ги завршувам последните реченици од овој текст..Посакувам оваа внатрешна радост на срцето, да трае секогаш. Во оваа снежна ноќ, посакувам светот да биде како оваа неверојатна белина. Тоа значи, да биде исполнет со мир, чистота, љубов и радост. Налик на детската радост, што вечерва искрено ја прославуваше секоја снегулка, од илјадниците што од небото се спуштија во облик на анеглска порака за добрина и мир меѓу луѓето. Добра ноќ.
Comments
Post a Comment