Охридскиот светилник

Јас и мојот верен војсководец тргнавме од дворецот во
шест часот, како и секое утро. Наша задача беше да го посетиме нашиот добар
владика. Стигнавме пред вратата на манастирот после еден час пешачење од
тврдината. Тропнавме и набргу вратата се отвори. Позади неа стоеше вцрвенетото
лице на Петре. Овој човек цели 16 години работеше во служба на манастирот
којшто добриот учител Климент го изгради во чест на светецот Пантелејмон.
Петре срдечно не’ пречека со зборовите:
-О, драги мои, добро ни
дојдовте! Ве молам, влезете.
-Тука ли е учителот? – запрашав.
-Тука е, тука е. Ќе биде радосен поради вашата посета.
Петре ни го покажа патот до учителската ќелија. Таа беше
малечка и во неа имаше еден скромен кревет (којшто учителот веројатно многу
ретко го користеше), малечок прозорец низ којшто се гледаше бескрајната езерска
површина, неколку полици, дрвен крст обесен десно од прозорецот и масичка и
стол на којшто учителот најдобро и најкорисно го поминуваше своето време.
Кога влеговме, беше длабоко замислен. Пред него стоеја
книги со тврди корици. Во многу од тие книги пишуваше богослужбени текстови и
пофални песни. Сето тоа го правеше употребувајќи ја глаголицата којашто пред
многу години ја напиша блажениот учител Кирил.
- А! Вие ли сте драги мои? – стана од столчето и се
прегрнавме.
-Како си добар наш владико? – запрашав.
-Фала му на Бога! – извика.
Не’ покани да седнеме.
Разговаравме скоро еден час, а потоа не’ покани на топол
манастирски доручек. Тоа утро, Петре приготви компот од црни сливи којшто го
послужи заедно со пресно подготвен манастирски леб-вкусен и крцкав, каков што
само тој знаеше да го направи.
После доручекот, учителот и јас излеговме на вообичаена
прошетка околу манастирот. Од ова убаво место коешто самиот го избра за негов
дом, езерото личеше на рамница на којашто наместо класје, никнуваа бело-сини
светкави кристали. Тоа беа езерските води на коишто сонцето секое утро им
даваше посебен сјај. Се занесував со поглед секогаш кога стоев на ова место. Овде
разговорите со учителот траеа долго. Тука зборувавме за вербата, писменоста и
потребата од изградување на нови цркви и манастири во нашата Кутмичевица. Кога
зборуваше за тоа, беше исполнет со невообичаено смирение, а во очите му
блескаше сјај којшто многу наликуваше на оној којшто заеднички го создаваа
сонцето и езерото.
Тоа лето, во 916-та година се упокои нашиот најсакан
учител и владика на народот. Реки од народ се слеваа кон неговиот манастир и му
оддадоа последна почит испраќајќи го со тежина во срцето и солзи на лицата.
Добриот Климент правеше се’ за неговиот народ да
излезе од мракот на незнаењето. Тој никогаш не им даваше одмор на очите и со
солзи го молеше Бога да му го покаже вистинскиот пат на неговите луѓе.
Неговото дело како сјаен светилник продолжи да ја
осветлува земјата којашто толку многу ја сакаше и во којашто го пронајде својот
мир. Чувствувам дека и денес се моли за нас пред Бога и дека секогаш мисли на
својот народ. Ти благодариме светол учителу!
Автор: Влатко С.
Comments
Post a Comment